Ученик навредува професорка за време на онлајн настава – видеото се прошири по социјалните мрежи

Погрдни зборови доби професорка од средно училиште за време на онлајн час. Еден од учениците, незадоволен што треба да вклучи камера при испрашување, почнува да упатува навреди кон професорка, која пак решава да му стави единица за полугодие и да го пријави случајот до класниот раководител. Исечок од случката се најде на ТикТок, а беше испратено и до редакцијата на Радио МОФ.

За случајот се информирани од Независниот синдикат за образование и наука. Оттаму велат дека и порано имало поплаки, каде во одредени случаи, нивни членови биле навредувани од ученици.

„Но, тука веќе станува збор за нешто што е излезено онлајн, јавно омаловажување и тука е многу поголема тежината“, смета Томислав Гиевски, претседател на синдикатот.

„Јавното обвинителство да постапи по овој предмет, по основа на чуен глас за нарушување на углед на просветен работник и доколку станува за возрасен малолетник, над 16 години, потребно е да се покрене и кривична постапка. А, откако ќе заврши таа кривична постапка, ние стоиме на располагање на колешката да покрене приватна тужба за нарушување на угледот со цел да бидат казнети родителите на непримерните ученици за во иднина да не се случи тоа. Нареден пат, два пати да се замислат учениците дали би повториле исто или слично дело со што би навредиле просветен работник“, вели тој.

Министерството за образование и наука неодамна им испрати на училиштата документ во кој се наведени препораки за однесување на наставниците и на учениците за време на наставата на далечина. Во него се наведува дека е забрането снимање на онлајн часот.

„За време на наставата на далечина важат истите правила на однесување како во училница. Наставниците водат детална евиденција за присуството. Учениците немаат право да вклучат други ученици од училиштето или од друго училиште преку споделување на линкот од часот. Секое постапување спротивно на ова може да резултира со поведување и изрекување педагошки мерки во постапка утврдена со правилник за педагошки мерки“, стои во документот.

Ставот на МОН за случајот е дека вакви и слични примери на однесување подлежат на поведување постапка од страна на Училиштето за испитување на целиот случај.

„Во Упатството за начинот на изрекување педагошки мерки  во јавните средни училишта постојат одредби во кои се предвидени законски постапувањаво случаи на нарушување на угледот на наставниците и вработените во училиштето. Истовремено, Министерството за образование остро ги осудува сите вакви и слични примери  на комуникација меѓу учениците и наставниците и апелира на развивање повисока свест, почит и култура на целата училишна заедница – ученици, наставници и родители“, велат од МОН за Радио МОФ. 

Гиевски ги охрабрува просветните работници максимално да ги користат државните инструменти и истакна дека мора по службена постапка да се започне со казнување на непримерните ученици и нивните родители, бидејќи како што посочи, многу е веројатно да се повтори. Тој ја повика и својата колешка да им се обрати за да добие правна помош и заштита.

Е.П.