Најави за реформи и средношколски собир – утре почнува новата учебна година

Околу 275.000 основци и средношколци утре ќе тргнат на училиште, во новата учебна 2015/2016 година. За првпат во училишните клупи ќе седнат и околу 20.000 првачиња.

Од вкупниот број ученици во земјава, околу 190.000 се основци и околу 85.000 средношколци.

На првиот ден од учебната година средношколците од Средношколски пленум најавија собир во Паркот на новинари во Скопје, спроти Министерството за образование, каде беше сместен средношколскиот камп. На собирот, со мото „Образование без компромис“, чиј почеток е најавен во 18 часот, ќе се одржат алтернативни предавања, панел дискусија и уште многу други активности, со што пленумот најавува дека е планирано „да ја извојува битката која ја започна претходната учебна година“. Собирот е продолжение на актибностите на пленумот, откако минатата учебна година голем број средношколци излегоа на протести со единствено барање, надлежните да престанат со лошите реформи во образованието. Револтот тогаш ескалираше по најавите за воведување задолжителна математика при полагањето на државната матура, а по бројните протести, бојкотот на наставата и двенеделно кампување пред МОН, матурантите минатата учебна година издејствуваа да полагаат матура според стариот концепт.

Сепак, како што денеска изјави македонскиот премиер Никола Груевски, ќе се носи ново решение за идните матуранти.

„Одлагањето на државната матура е затоа што од декември се пријавува матурата и имавме прекраток период за промените што сакавме да ги постигнеме, затоа што ни треба во меѓупериодот и дијалог, така што има доволен простор да се вклучат сите заинтересирани страни и да се разговара со сите, да се слушнат сите мислења и да се направат темелни консултации за на крај да се донесе најсоодветното решение“, изјави Груевски.