Учениците од „Михајло Пупин“ добија фотоволтаична централа со 42 соларни панели

Со фотоволтаична централа со моќност од 12 киловати и 42 соларни панели, учениците од средното училиште „Михајло Пупин“ во Скопје започнаа мини револуција во пристапот на животната средина и енергетската ефикасност. Тие во иднина низ пракса ќе учат како функционира една фотоволтаична централа.

За реализација на овој проект, средното училиште доби грант од Фондот за иновации во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари, колку што чини централата, се од буџетот на училиштето.

„Ова е позитивен пример дека со малку пари може да се придонесе и во заштита на животната средина , меѓутоа и во подобрување на економските перформанси на самата институција, во конкретниот случај заштедите коишто ги правиме за електрична енергија во ова училиште, изјави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој ги повика и останатите училишта и институции да го земат и применат овој пример.