Учениците од Крива Паланка со низа награди од државни натпревари

Учениците од средното училиште „Ѓорче Петров“ во Крива Паланка изминатава недела добија повеќе државни признанија и награди на натпревари во повеќе области.

Станува збор за освоено прво место на државниот натпревар по македонски јазик и литература, оддржан на 11 мај во Велес, на кој ученичката Бојана Спасовска учествуваше под менторство на професорката Жаклина Цековска.

Исто така, освоено прво место на државниот натпревар по социологија, оддржан истиот ден на Филозофскиот факултет во Скопје, од ученичката од втора година, Глорија Стојковска, под менторство на професорката Татјана Филиповска.

Потоа, на државниот натпревар по англиски јазик, ученичката Евгенија Николовска под менторство на професорката Ивана Станковска, го освои третото место.

Учениците од електротехничката струка, учествуваа на XXXVIII–те државни натпревари за ученици од електротехничките, машинските и сообраќајните училишта, оддржани во Битола и ги освоија следните награди:

– Александар Митовски од III6 клас, електротехничка струка кој го освои 3-тото место на натпреварот и

– Андреј Цветковски и Давор Стојановски од IV 6, електротехничка струка со трудот игра ,,Скочко“ која беше изработена во програмскиот јазик Delphi, за која освоија пофалница.

На државниот натпревар во роботика – ROBOMAC JUNIOR, кој се одржа на Електротехничкиот факултет во Скопје, ученикот Андреј Цветковски, под менторство на проф. Драгана Стојановска го освои второто место.

Нивните успеси претставуваат вистинска гордост како за наставниот кадар, така и за општината, рече градоначалникот Борјанчо Мицевски, кој денеска ги прими учениците во својот кабинет за да им го честита постигнатиот успех.