Учениците низ Велика Британија излегоа на „климатски штрајк“ за итни промени

Илјадници ученици и млади во Велика Британија денес учествуваат на „климатски штрајкови“ поддржани од поранешната шефица за климатски прашања на Обединетите Нации.

Кристиана Фигуерес, која го предводеше историскиот Париски климатски договор во 2015 година, смета дека е „време да се слушне гласот на младите“.

„Ова е знак дека не ја исполнуваме нашата одговорност да ги заштитиме од сè полошите влијанија на климатските промени“, вели Фигуерес додавајќи дека фактот што децата се толку исплашени за нивната иднина, што ги принудило да протестираат, треба возрасните да ги натера на итно дејствување.

Првичните информации покажуваат дека илјадници ученици протестно ги напуштиле часовите, од кои повеќе од илјада млади се упатиле на Парламент Плоштадот во Лондон, а неколку стотици се собрале во Брајтон и Оксфорд.

Организаторите соопштиле дека „климатски штрајкови“ се планирани во 60 градови низ Велика Британија во обид да ги принудат политичарите да се борат со растечките еколошки проблеми.

„Доколку не преземеме позитивна акција, иднината за оние од нас кои растат во ерата обликувана од климатските промени изгледа мрачно“, изјавила Ана Тејлор од Британската студентска климатска мрежа.

Ова движење започна во август, кога 16-годишната средношколка Грета Тунберг имаше индивидуален протест пред шведскиот парламент. Сега, секоја недела, се одржуваат протести во 270 градови низ светот.