Учениците низ светот изгубиле третина од школската година поради пандемијата

Децата ширум светот изгубиле во просек 74 дена настава, односно скоро третина од учебната година поради пандемијата со коронавирусот, а нееднаквостите се продлабочиле, предупреди денеска невладината организација „Спасете ги децата“.

„Речиси една година по официјалното прогласување пандемија во светот, стотици милиони деца сè уште не одат на училиште“, предупреди Ингер Ашинг, извршната директорка на организацијата, повикувајќи децата да се вратат во училишните клупи што е можно побрзо.

Во екот на пандемијата, 91 отсто од учениците во светот не посетувале настава. Затворањето на училиштата го продлабочи јазот меѓу богатите и сиромашните земји, но исто така и во рамките на националните граници, помеѓу богатите и сиромашните семејства, урбаните и руралните домаќинства, бегалците и лицата со инвалидитет, соопштија од организацијата.

Во Соединетите Американски Држави, на почетокот на пандемијата со Ковид-19 повеќе од 15 милиони деца од градинка до средно училиште немале доволно брза интернет врска за да можат да ја следат наставата на далечина.

Децата во Латинска Америка, на Карибите и во Јужна Азија пропуштиле скоро три пати повеќе наставни денови од децата во Западна Европа, 110 спрема 38, наведува организацијата за заштита на правата на децата, која анализираше податоци од 194 земји и региони.