Учениците да ја преземат пријавата за упис во средно од веб-страницата на МОН

На веб-страницата на Министерството за образование и наука е достапна за преземање пријавата за упис на учениците во средните училишта. Таа треба да се приложи заедно со останатата потребна документација наведена во конкурсот.

Формуларот  за пријавување е достапен на четири (наставни) јазици – македонски, албански, турски и српски. Потребно е секој ученик да го испечати, пополни и да го достави до училиштето заедно со останатите документи.

Уписите  во средните училишта за учебната 2020/2021 година започнуваат идната недела и ќе се спроведат согласно со насоките од Протоколот усвоен од Владата по препорака од Комисијата за заштита од заразни болести, кој е проследен до сите училишта.

Првото пријавување ќе биде на 16, 17 и 18 јуни во периодот од 7 до 19 часот, како и на 19 јуни  од 7 до 13 часот. Училиштата во кои бројот на пријавени ученици во последните години е помал од бројот предвиден во конкурсот, може да организираат пријавување на учениците само во деновите 16 и 17 јуни. Ранг-листите со запишани ученици ќе бидат објавени на 19 јуни по 15 часот.

Во средните училишта за уметничко образование, пријавувањето на учениците ќе се одвива на 16  и 17 јуни, а во деновите 18 и 19 јуни ќе се организира квалификациски испит согласно со донесените протоколи.