Ученици од пет скопски училишта го чистеа Градскиот парк од отпад

Денеска во вториот дел од Градскиот парк, во близина на Луна-паркот, 150 ученици од средните училишта „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“, „Орце Николов“, „Здравко Цветковски“ и „Георги Димитров“, ги чистеа отпадоците од јавните зелени површини.

Во соработка со Противпожарната бригада на Град Скопје и на ЈП „Паркови и зеленило“ се чистеше езерцето во Градскиот парк, со помош на чамец. Штитениците на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“, пак, засадија цвеќиња и се вклучија во расчистувањето на зеленилото.


Оваа акција е во рамки на одбележувањето што го прави Градот Скопје на првиот ден на пролетта на манифестацијата „Денови на пролетта – денови на екологијата“. Целта на оваа акција беше да се поттикне грижата за животната средина кај граѓаните на Скопје и да се даде пример како да се грижиме за средината во којашто живееме.