Ученици од Крива Паланка покренаа еколошка акција за расчистување на градот

Во текот на наредните два месеци во Крива Паланка ќе се спроведе еколошка акција за расчистување на градот насловена „Општина без смет за поубав свет“ со која ќе треба да се подобри јавната чистота и животната средина за граѓаните.

Од Општината информираат дека акцијата ја покренале млади еко тимови од училиштата, кои со своите одговорни лица ќе бидат активно вклучени во планираните активности.

Акцијата опфаќа два сегменти, од кои едниот е чистење на дворовите и зелените јавни површини, како и собирање на непотребниот отпад од индивидуалните домови.

Сеопфатна еколошка акција ќе се спроведува спред однапред утврден план и програма и во координација на одговорното лице, Раководителот на одделението за инспекциски надзор, Бранко Велиновски. Иницијативата е предвидено да започне овој викенд – 24-ти март, со првата акција во населбите Осичка мала и Домачки дол.

,,На овој начин граѓаните ќе имаат можност, покрај тоа што ќе бидат вклучени во чистењето на јавните површини, во исто време и да се ослободат и од делот од отпадот, кој што од различни причини го складирале или одложувале во кругот на своите домаќинства, а ние како општина ќе имаме  логистичка поддршка во овој дел. Според пријавите досега, можам да кажам дека имаме голем број на невладини организации кои го пријавија учеството во оваа голема акција, а голем број од граѓаните и самоиницијативно се пријавуваат за вклучување во акцијата. Истата е поддржана и од Советот на Општината, од ЈП Комуналец, од Советите на заедниците на станари во самите населби,од локалните правни субјекти и разни други поединци“, изјавил Велиновски.

Во првата акција ќе се чистат седум поголеми јавни површини и тоа: патот кон местото викано Златина падина, делот околу Тораничка зграда, делот околу Спортско рекреативниот центар и игралиштата, потоа делот над регулацијата на Домачки дол и делот во населбата Циглана и тамошното игралиште, делот околу објектот на извидничкиот одред Наум Наумовски Борче и дворните места на стамбените згради од овие населби.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски, повика граѓаните масовно да се приклучат во акцијата која има цел да се подобри општата слика на Општината преку подобрување на животната средина во населените урбани и рурални зедници.