Ученици од „Корчагин“ основаа компанија, со парите од продадените производи ќе набават стерилизатор за гимназијата

Средношколци од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ ја формираа ученичката компанија „Stop The Spread – Macedonia“, со која ја подигнуваат свеста за заштита од Ковид-19 преку своите производи.

Тие нудат кутивчиња за маски и алки со средство за дезинфекција, а со собраните средства сакаат да набават стерилизатор за училиштето.

„Колку пати ви се случило да ја оставите вашата маска на работната маса, на седиштето во вашата кола и слично, или пак колку пати ви се случило да не можете да го најдете вашето средство за дезинфекција или истото сте го заборавиле дома. Ние како ученичка компанија одлучивме да најдеме производи со кои ќе ги решиме овие проблеми, а воедно преку нашите дизајни на овие производи да ја подигнеме свеста на македонската јавност за почитување на мерките за справување со Ковид-19 пандемијата“, велат од ученичката компанија за Радио МОФ.

Со идејата за оваа компанија тие неодамна победија на натпревар за социјално претприемништво организиран при UPSHIFT програмата на CEED HUB Скопје, за поддршка на млади на возраст од 13 до 19 години да развијат иновативно решение.