Ученици од Јужна Кореја ја тужат државата поради 90 секунди предвреме прекинат приемен испит

Група ученици од Јужна Кореја ја тужат Владата бидејќи нивниот приемен испит за факултет бил прекинат 90 секунди порано од предвиденото.

Секој од учениците бара по 20 милиони вони (14.000 евра) отштета, што според нив е вредноста на едногодишно учење за да се повтори тестирањето. Според нивните адвокати, грешката предизвикала проблеми и кај тестирањата на учениците по другите предмети.

Станува збор за фамозниот приемен испит за факултет кој во Јужна Кореја е познат под името „Сунеунг“, кој се смета за еден од најтешките во светот. Се работи за осумчасовен маратон во кој еден по друг се полагаат тестови по различни предмети.

Овој испит не само што го одредува рангирањето на учениците при уписите на факултет, туку и многу понатамошни кариерни можности. За време на одржување на ова тестирање во државата се преземаат разни мерки со цел да им се помогне на учениците во концентрацијата – како затворање на авиосообраќајот во земјата и одлагање на отворањето на јужнокорејската берза.

Резултатите од овогодишниот испит беа објавени на 8 декември.

Тужбата, која вчера беше поднесена од најмалку 39 ученици, тврди дека ѕвончето за крај на тестирањето ѕвонело порано во испитниот центар во Сеул за време на полагање по предметот Корејски јазик. Дел од учениците веднаш се побуниле, но наставниот кадар сепак им ги одзел тестовите. Наставниците ја сфатиле грешката пред да започне следниот тест и на учениците им дале дополнителни 90 секунди за време на паузата за ручек, но во овој период тие не смееле да вршат никакви измени на веќе напишаните одговори.

Учениците велат дека биле толку многу вознемирени, што не можеле да се фокусираат на останатите тестирања, пренесува националната агенција Јонхап. Дел од нив дури и се откажале од испитот и заминале дома.

Ова не е првпат учениците да тужат поради предвремен прекин на приемниот испит. Во април, суд во Сеул им додели 7 милиони вони (4.800 евра) на ученици кои тврдеа дека не биле во рамноправна положба за време на тестирањето во 2021 година бидејќи нивниот испит бил прекинат 2 минути порано.