Конект фестивал, или првиот средношколски фестивал, е иницијатива на повеќе средношколци од четири скопски гимназии што ќе се одржува од 2-6 мај. Во негова организација се ученици од „Никола Карев”, „Орце Николов”, „Јосип Броз Тито” и „Георги Димитров”.
Како што вели средношколецот Виктор Олумчев за Радио МОФ, фестивалот има за цел да ги мотивира сите ученици да учествуваат или да покренуваат иницијатив за настани надвор од училишните ѕидови, а кои ќе поттикнат креативна мисла и ќе ја зголемат меѓусебната соработка и комуникација.
„Во организацискиот тим сме околу 6 ученици од сите гимназии, кои претходно не се знаевме меѓусебе, но оваа идеа и нашата заедничка цел не спои во многу повеќе од тим“, вели овој средношколец.
Според Олумчев, во реализацијата на овој настан, покрај средношколците, се вклучиле и училишните заедници, самите училишта, невладината „LEAD”, а добиле помош и од компании и лица. Дел од настаните, како што појасни тој, се покриени од школите, а дел од спонзорите што ги нашле.
Во својата програма, фестивалот предвидува четири споредни и еден завршен музички настан. Па така, на 2 мај во гимназијата „Јосип Броз Тито“ ќе има изложба, правење графити во живо и музика. Следниот ден, во „Никола Карев“ ќе има исто така изложба на фотографии и ликовни дела. Веќе на четврти мај, во „Орце Николов“ ќе се одржи панел дискуција и мотивациски говори, додека на 5 мај во „Георги Димитров“ ќе има рандевува, или ткн. брзо запознавање.
Завршниот музички настан ќе биде на Школка во Градски парк, каде ќе настапат средношколски бендови, а како потенцијален гостин ја најавуваат групата Funk Shui.
„Досегашната организација оди супер, малку забрзано поради кусото време. Но, и покрај сите пречки сме оптимистички настроени“, вели Олумчев.
Тој вели дека очекуваат во иднина овој фестивал да прерасне во традиција, во која ќе учествуваат се повеќе и повеќе училишта.