Ученици и родители на протест во Аеродром за да спречат рушење на школското игралиште

Група ученици од Основното училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром, заедно со нивните родители, се собраа на протест од кој порачаа дека нема да дозволат изградба на градинка на местото на училишното спортско игралиште.

Според иницијаторите на протестот, Општината планира градинка на местото на сегашното игралиште, кое децата го користат за настава по физичка култура на отворено, но и каде тие играат надвор од училишните активности.

„Механизација веќе е присутна во училиштето, а притоа теренот никако не е oбезбеден, па градежните машини буквално минуваат меѓу растрчани деца. Бараме сите активности за изградба да престанат – веднаш. Бараме да се стопира секаков план за изградба на друг објект во рамките на училиштето затоа што не сакаме децата да ни учат и растат на градилиште и да дишат прашина, и не дозволуваме да им го земете просторот за игра“, наведуваат на социјалните мрежи.

Тие бараат од градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, и сите вклучени во проектот да донесат одлука базирана врз аргументи и во интерес на жителите на општината, пред сè, на децата.

„На Општина Аеродром, која е пренаселена во изминатите години, откако се изградија нови згради на секој слободен простор, секако ѝ се потребни нови градинки, но не на штета на други деца. Според претходните планови, градинка требаше да се гради на просторот на старото игралиште „Југ“, кое во моментов е руина и див паркинг. Зошто овој план е стопиран? Зошто не се прошират и надградат постоечките објекти на градинки во близина на игралиштето што сакаат да го уништат – Калинка, Изворче, Бубамара…? Зошто не се обидете да најдете пристојна локација и урбанистички оправдано решение? Училишниот двор на ООУ „Блаже Конески“ веќе е делумно уништен со тоа што под концесија е даден дел од дворот, простор на кој денес се наоѓаат кафана, кафуле и игротека. На ниедно од овие не им е место во училишен двор – еве каде може да ја градите градинката“, додаваат иницијаторите на протестот.