Ученичкиот и студентскиот дом во Охрид ќе се пренаменат во објекти за изолација и карантин ако е потребно

Ученичкиот дом „Ванчо Питошески“ со 38 соби и студентскиот дом „Никола Карев“ со околу 30-тина соби, по потреба ќе бидат пренаменети во објекти за изолација и карантин за лесни случаи, ова е само една од мерките кои ќе ги преземе Општина Охрид, а кои се однесуваат на состојбата со коронавирусот и мерките и препораките на Владата, се вели во соопштение на Општината. Оперативните мерки доаѓаат по неколкуте состаноци на градоначалникот и директорите на јавни претпријатија, здравствени установи, ученичкиот и студентскиот дом, но и раководителот на пазарната инспекција и претставник на матичните лекари.

Како што соопштуваат од општината, денеска започнала дезинфекција на основните училишта „Григор Прличев“, „Братство Единство“ и „Методи Патче“, а до крајот на недела ќе се изврши дезинфекција на преостанатите основни и средни училишта. Исто така, изминатава недела целосно биле дезинфицирани сите објекти на Јавната установа за деца – детска градинка „Јасна Ристеска“.

Меѓудругото, локалните и меѓуградските возни линии се редуцираат, а најавија дека новиот возен ред ќе биде објавен на општинската веб-страница.

„Возилата на општинските линиски превозници секојдневно се дезинфицираат, а возачите задолжително носат маски и ракавици, додека на такси превозниците им препорачуваме да ги следат мерките кои што важат за општинските линиски превозници“, стои во соопштението на општината.

Во соработка со Црвен крст – Охрид, додаваат оттаму, формирани се и мобилни тимови кои треба да им излезат во пресрет на лицата со специјални потреби, старите и изнемоштени лица, но и на сите оние кои имаат потреба од помош или било каква друга поддршка на подрачјето на Општина Охрид, за прехранбени производи, продукти за хигиена и лекови.

„Сите оние кои имаат потреба од наведените услуги на мобилниот тим може да ги побараат на следните телефонски броеви од Црвен крст – Охрид: 046/261-909, 070/ 315-309, специјалниот број 13-112, 070/ 989-806 и 070/354-712. На истите броеви граѓаните може да пријават одредени неправилности и непостапување по мерките кои што ги има донесено Владата на Република Северна Македонија и може да пријават лица кои што треба да бидат во самоизолација, а не ја применуваат“, додаваат оттаму.

Моментално во С. Македонија има 18 случаи на пациенти заразени со новиот коронавирус.