Учебници од Кембриџ за основното и средното образование

Учебници од Кембриџ за основното и средното образованиеУчениците во основното и средното образование наскоро ќе учат од англиски учебници кои ќе се преведуваат и приспособуваат на македонските програми, најавија од Министерството за образование и наука.

Ова го овозможуваат новите измени на законите за основно и средно образование, информираат оттаму. Први ќе се превземаат учебниците од природните и техничките науки, во консултација со експерти од Кембриџ и доколку бидат одобрени од Рецензентската комисија, Националната комисија и Педагошката служба, се очекува до септември да бидат веќе пуштени во употреба во училиштата.

Издавачките куќи од земјава и странство, ќе имаат можност да се пријават на конкурсот, за да ги адаптираат учебниците за потребите на училиштата а предност во конкурсот ќе имаат оние кои ќе понудат најниска цена.Процесот на адаптација ќе трае помеѓу три и пет години и ќе започне од основното образование.

Министерот за образование и наука, Панче Кралев, на брифинг со новинарите информираше дека министерството размислува за воведување на нова програма за советување на учениците, која ќе биде слична на програмата за советување на родителите која веќе се спроведува. Според него, програмата ќе биде изработена од Филозофскиот факултет и ќе има стручни служби кои ќе го прават советувањето за учениците, со кои ќе се разговара за проблемите на часови, оценките, меѓусебните проблеми итн.

Програмата за родители која започна во 2011-тата година ги обврза родителите на учениците кои имаат лошо поведение и лоши оценки да доаѓаат на „родителски школи“ и казната за непосетување на овие советувалиште е 200 евра.

Новост во образованието е и меѓународната матура, која е доброволен процес во кој може да се пријават сите училишта во земјава кои сакаат да бидат дел од мрежата на меѓународната матура. Министерот Кралев додаде дека МОН ќе ги покрие трошоците за котизација за сите училишта кои сакаат да аплицираат во оваа мрежа. Од министерството информираа дека во септември се планира вработување на психолози и педагози, во оние училишта каде недостига ваков кадар.

К.О.