Учебници дискриминираат, академската заедница молчи, а студентите мора да слушаат

Иако уште во деведесетите  години е утврдено дека хомосексуалноста не е болест, македонските студенти се уште учат од учебници во кои пишува дека „хомосексуалноста е застој во психосексуалниот развој на пониско ниво“, но и дека „хомосексуалните врски се паразитски во однос на хетеросексуалните. Во учебник по Етика пак студенти се едуцираат дека „Неправењето прељуба е единствен начин на заштита на себе и својот љубовен партнер од заразни болести и на достоен тек на врската“. Учебници ги стигматизираат и лицата со ХИВ, травестите, лицата што употребуваат дроги.

„Се работи за петнаесетина учебници кои ние ги имаме детектирано, но потребна е посистематска ревизија и комплетна модернизација на содржините“, истакна Драгана Дрндаревска, од Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, на конференцијата „Кон образование без дискриминација.

„Хомосексуалците се портретираат како перверзни и болни, тоа е еден пример за дискриминација кон ЛГБТИ лицата. Исто така луѓето што употребуваат дроги буквално се навредуваат во учебниците. Примерите се бројни, и она што е страшно е што истите (учебници) се употребуваат на  факултети како социјална работа и политика, социологија итн. на кои учат студенти професионалци кои треба потоа да работат и да им помогнат на овие луѓе, и да имаат позитивни ставови наместо дискриминација и стигма“, вели Дрндаревска.

И професорот Беким Кадриу, инаку член на Комисијата за заштита од дискриминација, укажува на дискриминација во учебниците по основ на пол и род, сексуална ориентација, родов идентитет, но и по верска и етничка припадност. За него оваа тема е предизвик за институциите кои треба да утврдат каде почнува дискриминацијата, а каде завршува слободата на изразување, автономијата на универзитетот и слободата на научното творештво.

„Мегутоа мислам дека ние даваме преголема слобода. Треба да разбереме дека слободата на изразување сноси и обврски и одговорности, во правец да се заштитат и правата на другите, да се заштити репутацијата, еднаквоста и  недисркиминацијата“, вели Кадриу.

Одбива да говори од позицијата член на Комисијата за дискриминација, бидејќи забележува дека не секогаш се согласува со нејзините одлуки. Но затоа е уверен дека законите не ни се вистинскиот проблем, туку непрофесионалните институции.

„Значи закон имаме, општиот закон за заштита од дискриминацоја се однесува на образование што ги опфаќа и учебниците и треба да се применува од сите институции. Сепак, проблемот е во институциите. Ние не успеавме да изградиме цврсти професионализирани институции за заштита на човековите права“, вели Кадриу.

За професорот Љубомир Данаилов Фрчкоски проблемот со дискриминцијата останува непрепознаен во академските кругови. А токму тие, вели, имаат најголема одговорност.

„Нашата академска заедница и професорите имаат позиција на моќ. Кога дискриминацијата ја прават професорите, за нив се претпоставува дека знаат, дека нивните искази се поткрепени со некакво позадинско знаење, кое на слушачот не му е целосно јасно. Професорите треба да  сфатат дека се повиновни од другите кога дискриминираат и се обврзани да знаат повеќе за таа приказна од другите . И тоа не се однесува само на професорите по општествени науки“, вели Фрчковски.

Студентите пак ги нарекува „заробена публика“ бидеќи се принудени да слушаат предавања полни со предрасуди. Најзасегнати пак, забележува, се ранливите групи меѓу студентите „кои тука слушаат колку се болни, хендикепирани или како не се снашле во животот“.

Професорката Николина Кениг пак говореше за неодамна направено иницијално истражување за тоа како е прифатена една ранлива група, во случајот лицата со хомосексуална ориентација, меѓу студентите. Истражувањето покажало дека дури 21 отсто од студентите имаат изразена хомофобија и мислат дека „хомосексуалците се одвратни“, додека половината од испитаниците имаат главно неутрален став кон оваа група. Истражувањето, исто така покажало и дека студентите на почетокот и на крајот на своето студирање, главно остануваат со непроменет став кон оваа ранлива група. Резултатите вели се загрижувачки, а дискриминаторските содржини укажува дека не ја подобруваат ситуацијата.

„ Јас не можам да претпоставам како изгледа тоа да си човек со хомосексуална ориентација и да го читаш тоа“, вели професорката од Катедрата по психологија.

Таа вели и дека не е неопходно само отстранување на спорните содржини, туку уште е поважно што како информација треба да се додаде во нив, за студентите да добијат вистински информации.

„Студентите што учат психологија ги запознаваме со етнички кодекс на студентите, каде најексплицитно е зацртано дека психолог не смее да учествува и да поттикнува дискриминаторски активности врз било кој критериум, а од друга страна им сервираме содржини кои тоа го тврдат и поттикнуваат“, укажува Кениг.

Коалицијата од 2009 година активно се занимава со проблемот на дискриминација во акедонските  учебници кој е препознаен и од Европската комисија, но и комитетите во ООН. Од Коалицијата посочуваат дека нивна цел е универзитетските професори и студентите јавно да се заложат за повлекување на содржините и унапредување на квалитетот на високото образование преку доставување заеднички барања и писма со ректоратите, иницирање на вметнување на анти-дискриминаторски политики и одредби во издавачката дејност на факултетите и нивна соодветна примена.