Учебната година се одложува за 1 февруари

Второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта се одложува.

Наставата со физичко присуство ќе продолжи на 1 февруари, одлучи вечерва Владата, по препорака на Главниот координативен кризен КОВИД-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.

Сепак, одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за настаната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови, информираат од Владата.

Покрај ова, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата, како и МРТ се задолжени да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од КОВИД-19, во домашни услови и на отворено.

Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе известуваат на почест интервал околу следењето на состојбата за да може да се прилагодат препораките доколку се јави потреба.

Распустот за околу 260 илјади ученици во основните и средните училишта започна на 31 декември.