„Убиство е убиство!“ – протест против селективна правда за случајот со малиот Алмир

Цвеќе и детски обувки, заедно со фотографија од четиригодишниот Алмир од Куманово останаа пред вратите на Јавното обвинителство на Република Македонија, по денешниот протест со кој граѓани го осудија начинот на кој се спроведува судскиот процес за неговото прегазување пред две години.

Тие најостро ги осудуваат обидите да се направи преквалификација на кривичното дело „убиство“ во кривично дело „сообраќајна несреќа со смртни последици“.

„Од сите произлезени докази, кај обвинетиот постои намера за убиство и никако не може да се смета за друго кривично дело освен за убиство. Жалиме што јавната обвинителка во случајот не успеа да издржи до крај и подлегна на некакви притисоци и побара мислење од Вишото Јавно Обвинителство. Не мислиме дека овој случај е за Вишото Јавно Обвинителство, или Обвинителството на Република Македонија, затоа што е едноставен случај што не бара научни докази за да се види дека се работи за класично убиство и никакво друго кривично дело“, рече актерот Висар Вишка во своето обраќање пред насобраните.

Граѓани бараат јавните обвинители стручно и совесно да си ја вршат функцијата. Вишка посочи на видеоснимката која се појави ден по информацијата за смртта на Алмир, која според него, покажува дека се работи за класично убиство извршено со умисла.

„Не смееме да дозволиме делењето на правда да зависи од етничката припадност на обвинетиот, на жртвата и на другите учесници во постапката. Се надеваме дека конечно правото во Република Македонија ќе профункционира , и дека ќе се почитуваат правните норми. Се надеваме дека Јавното обвинителство на Република Македонија ќе ни даде трошка надеж дека постои можност за живот за сите“, додаде Вишка.

Протестот започна од Камениот мост, по што граѓаните се упатија пред зградата на Јавното обвинителство каде положија цвеќе. Протестот помина во тишина, за како што велат, да се слушне гласот на малиот Алмир.

„Колку и да сме тивки, неговиот глас не може да се слушне, затоа што тој не е меѓу нас. Но, затоа сме ние тука за во негово име да зборуваме“, рече Вишка.