Убиена новинарка од Малта која ги истражуваше документите од Панама

Дафне Каруана Галициа, новинарка која работеше на истрагите за документите од Панама, беше убиена со автомобил-бомба вчера, во близина на нејзиниот дом на Малта.

Галициа починала веднаш кога нејзиното Пежо 108 беше уништено од моќен експлозивен уред. Блогерката чии објави често привлекувале многу повеќе читатели од сите весници во државата заедно, била „трн во окото“ на власта на Малта и различни криминални организации.

Нејзините последни откритија покажуваат дека премиерот на Малта, Џозеф Мускат, и неговите двајца најблиски соработници, преку офшор компании перат пари и продаваат малтешки пасоши во Азербејџан.

Засега ниедна индивидуа или група не објави дека е виновна за нападот.

Претседателката на Малта, Мари-Луис Колеиро Прека, повика на мир.

„Во овие моменти, кога земјата е шокирана од овој суров напад, ги повикувам сите да ги пребројат своие зборови, да не осудуваат и да покажат солидарност“, вели таа.

После нефер парламентарните избори ова лето, опозицијата вели дека се враќа политичкото насилство кое се случуваше во Малта за време на 1980-тите.

Во изјава, Мускат го осуди „варварскиот напад“, велејќи дека побарал од полицијата да стапи во контакт со безбедносните сили на други земји за да ги најдат и идентификуваат сторителите.

„Сите знаат дека г-ѓа Каруана Галициа беше мој жесток критичар“, рече Мускат на итно одржана прес конференција, „и политички и лично, но никој не може да го оправда овој варварски чин на ниеден начин“.

Според локалните медиуми, Каруана Галициа пред 15 дена поднела жалба во полицијата, велејќи дека добива закани по живот.

Новинарката го објавила нејзиниот последен блог во 14:35 во понеделникот, а експлозијата се случила само половина час подоцна.

Во последните две години, нејзините истражувања се фокусираа најмногу на откритијата од документите од Панама, архива од 11,5 милиони документи кои протекоа од интерната датабаза на четвртата најголема офшор фирма на светот, Мосак Фонсека.