Убиецот на словачкиот новинар Јан Кучиак осуден на 23 години затвор

Поранешниот војник Мирослав Марчек е осуден на 23 години затвор за убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучиак и неговата вереница Мартина Кушнирова кое се случи во Словачка, во февруари 2018 година, јавува „Ројтерс“. Новинарот известуваше за корупција и поврзаноста на влијателни бизнисмени со водечките политичари и врвни функционери во судството и полицијата.

Убиецот кој не беше присутен на изрекувањето на пресудата ја призна вината за случајот кој доведе до протести ширум државата и кој на крајот ја сруши словачката влада.

„Беше ладнокрвно и злонамерно. Жртвите немаа шанса да се бранат“, рече претседателката на специјалниот кривичен суд, Румена Сабова.

Обвинителот Јурај Новоцки кој бараше казна затвор од 25 години ја обжали пресудата.

На бизнисменот Мариан Кочнер кој беше мета на известувањето на новинарот Кучиак и кој вербално му се заканувал во септември 2017 година, му се суди заедно со уште две други лица во друг судски случај за нарачка на убиството.