Уапсен основачот на Kickass Torrents Артем Ваулин

САД побара екстрадиција на Украинецот Артем Ваулин, основачот на Kickass Torrents, најпопуларната страница за размена на торент датотеки, кој во средата е уапсен во Полска.

30-годишниот Ваулин се соочува со две обвиненија, за тешко кршење на авторски права и перење на пари, велат американските власти. Судот во Чикаго побара и затворање на седум домеини и банкарска сметка, кои припаѓаат на Украинецот.

Повеќе од 50 милиони корисници месечно споделуваат филмови, ТВ шоуа, музика, видеоигри и компјутерски софтвер преку Kickass Torrents. Страницата e одговорна за незаконска дистрибуција на материјали заштитени со авторски права, вредни една милијарда евра.

Според податоците на американското Министерство за правда, сајтот има над 50 милиони поединечни посети месечно и е 69-ти на листата на најпосетени страници на интернет воопшто.

Вредноста на сервисот се проценува на 54 милиони долари, а се наведува дека KAT годишно има приходи меѓу 12,5 и 22,3 милиони долари од реклами.