Творештвото на браќа Манаки на Канскиот филмски фестивал

Филмското творештво на браќата Манаки ќе биде претставено на 68-то издание на фестивалот во Кан, соопшти новоизбраниот директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола, Димитар Николов-Таки.

Фестивалот во Кан ги чествува сите браќа што придонеле за развојот на филмската индустрија во Европа од нејзиното постоење до денес, а со оглед дека опусот на браќата Манаки е од исклучително значење, и нивното творештво ќе биде пред светскиот и европскиот аудиториум во Кан, потврди Николов.

„Ние ќе направиме се за делото на браќата Манаки биде достојно презентирано на фестивалот во Кан. На тој начин ќе им оддадеме поголема меѓународна поддршка и почит на творештвото и активностите што како пионери ги имале браќата Манаки за филмската дејност во Македонија и на Балканот, вели Димитар Николов-Таки, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.

Николов, исто така потврди дека во рамките на идејата „Битола филмски град“, во моментов се врши избор на локации за снимање филм со меѓународна филмска екипа од три европски држави.