„Творец на модерното Скопје“: Трибина-изложба за Јосиф Михаиловиќ

На 15 ноември, од 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе се одржи трибина-изложба посветена на Јосиф Михаиловиќ, основоположникот на модерно Скопје, кој со својата визија и умeшност успеал да ги даде првите урбани правци во кои треба да се развива главниот град.

Јосиф Михаиловиќ е роден во Тресонче. Тој бил градоначалник на Скопје од 1929 до 1936 година, а потоа во 1939 година повторно бил назначен за прв човек на градот, функција на која останува до крајот на својот живот кој трагично завршува во 1941 година. Во текот на својот речиси десеттогодишен мандат, тој својата активност ја насочил кон модернизација на градот и неговото комунално уредување.

За време на неговиот мандат се градат повеќе јавни објекти меѓу кои: училишта, општински згради, Народното Собрание, Општинската зграда, Градската Болница, Хигиенскиот завод, Заводот за социјалното осигурување, Старата железничка станица, Народната Банка, Трговско-индустриската комора, Лекарската Комора, Домот на сојузот на инженерите и архитектите, Офицерскиот дом, Конзервната фабрика „Вардар”, бетонските мостови на Вардар, биле уредувани улици, Плоштадот, Золошката градина и многу други.

Јосиф Михаиловиќ се занимавал и со архитектонско проектирање. Позначајни реализирани објекти: зградата на Црвениот крст во Скопје (1930), сопствената индивидуална куќа во Скопје (1939); Фабриката за текстил во Скопје (1939). Во обликувањето на зградата се инспирирал од народната архитектура. Исто така се занимавал и со публицистика.

Граѓаните на Скопје особено го ценеле градоначалникот на Скопје кој знаел пеш или со пајтон да шета низ градот и да ги бележи сите проблеми.

Првиот човек на Скопје Јосиф Михаиловиќ починал на 11 март 1941 година, само еден месец пред почетокот на Втората светска војна. Тој починал на скопската клиника за време на хирушка интервенција за вадење на слепо црево. Грѓаните на Скопје достоинствено го испратиле до последното живеалиште. Во погребната поворка која ја следеле повеќе од 15 илјади граѓани, голем дел биле облечени во мијачки народни носии. Целата церемонија траела повеќе од пет часа, а повеќе од 20 лица одржале проштални говори.