Твитерџиите се побунија на дуплирањето на бројот на карактери во твит

Социјалната мрежа Твитер најави дека тестира нова можност за зголемување на лимитот на букви во твит од досегашните 140 на 280 за „да можат полесно да се изразат“, но корисниците тоа го пречекаа со предвидлив револт.

Забавата почна откако извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, преку свој твит вчера ја најави промената:

„Ова е мала промена, но голем чекор за нас. 140 беше избор заснован на 160-те карактери дозволени во СМС порака. Горд сум на тоа колку тимот е посветен на решавање на проблемот кој луѓето го имаат кога се обидуваат да твитаат. А во исто време, задржувајќи ја нашата концизност, брзина и суштина“, нашиша Дорси.

Новинарката Кејтлин Кели беше меѓу првите кои веднаш го скрати неговиот твит од 280 карактери на 139 букви. Илустративно пречкртувајќи ги непотребните зборови, демонстрирајќи дека истата суштина наместо со 280, низ малку напор, може да се прикаже во двојно помалку текст.

Други, пак, се шегуваа со сегашната пракса да се поврзуваат повеќе твитови, можност која и досега се користеше од твитерџиите за да изразат подолги идеи.

„Лимитот на 280 карактери е ужасна идеа. Убавината на Твитер е тоа дека те принудува да ги изразиш своите идеи концизно (1/47)“, пишува корисникот @poniewozik.

Некои посочуваат дека зголемувањето на лимитот на карактери не било промена која ја барале твитерџиите.


„Корисниците на Твитер: Стоп за расистите, стоп за говорот на омраза, стоп за ботовите, сакаме хронолошки тајмлајн и можност за едитирање… Твитер: 280 карактери!“, пишува саркастично @bicknaker

Дел од корисниците, веројатно навикнати на досегашната пракса, се соочиле со проблем да го пополнат дополнителниот простор на карактери:

Други си се пошегуваа со досегашната рестрикција од 140 карактери.

„Возбудена сум што сум дел од тестот на 280 карактери на Твитер. Дозволете ми само да кажам дека ми е чест и привилегија. Сакам да се заблагодарам на моите прек“, се пошегува комичарката Елен Де Џенерис.

„280 карактери? Навистина? Ако не можете да да го искомуницирате тоа што сакате да го кажете во 140 карактери, тогаш нема потреба да бидете на Твите“, повторно преку вештачки скратен последен збор се пошегува и корисникот @JoWolffBSG.

Голем дел од корисниците изразија загриженост од тоа како американскиот претседател Доналд Трамп, препознатлив по контроверзните твитови, ќе ја користи оваа нова опција.

„Затворете ги очите. Замислете го Трамп како користи Твитер. Сега замислете го Трамп како користи Твитер со 280 карактери. Сега изгасете го Твитер“, напиша корисникот @mgsiegler.

Директорот Дорси, сепак изгледа дека не е премногу разочаран од критиките, за кои напиша „доаѓаат заедно со работата“. Тој ги охрабри корисниците им пружат шанса на новата опција, додавајќи дека ќе се обидат да објаснат зошто оваа промена е важна и подобра.

Во моментов зголеменото ограничување од 280 карактери е само тест за дел од корисниците, додека компанијата не соопшти дали тестирањето ќе се проширува на повеќе твитерџии.