Неколку граѓани преку социјалните мрежи се организираат за да направат пункт со цел да соберат помош за поплавените по синоќешното силно невреме кое го зафати Скопје и околината.
Како што стои во најавата на Твитер, пунктот ќе биде отворен денеска во 13 часот пред Веро центар во населбата Аеродром, а ги повикуваат и останатите граѓани да се приклучат во акцијата за да помогнат на луѓето од поплавените подрачја.
„Секој што има можност да дојде со возило ќе биде добредојдено (препорачливо дизел). Ако познавате некој што има комбе информирајте“, се вели во повикот.
Тие нагласуваат дека во моментов најпотребно е флаширана вода за пиење, спакувана храна која не се расипува и пелени за бебиња.
Во 13.00 пред Веро Центар се прави пункт за собирање помош за поплавените подрачја. Секој што може да придонесе, нека помине#поплава
— Цветко (@SkHornet) August 7, 2016
Синоќешното невреме кое го зафати Скопје зад себе остави најмалку 15 жртви, потврди МВР. До утринава во 8.30 часот примени се 22 повредени лица во скопските клиники, а пријавени се и шест исчезнати лица. Најмногу погодени од поплавите се населбите Арачиново, Сингелиќ и Стајковци.