Твитер загубил над две милијарди долари за една деценија

Кога Твитер, една од највлијателните и најпознатите социјални мрежи во 2013 година ги понуди своите акции на јавна понуда на пазарот, тој беше непрофитна компанија. Повеќе од две години подоцна, ова не е променето. Всушност, според последниот извештај за приходите, Твитер е во загуба од над две милијарди долари од основањето во 2006 година досега.

Загубите на компанијата изнесуваа околу 400 милиони долари и пред јавната понуда на акциите, но таа бројка се зголеми, главно поради компензациите кон вработените, кои Твитер ги нудеше во акции. Само во 2015 година, компанијата загубила дополнителни 520 милиони долари.

Според аналитичарите, нервозата околу Твитер на берзата не се должи на тоа дали компанијата може или не може да прави пари, туку таа е поврзана со иднината на социјалната мрежа. Вол стрит, според анализите, е скептичен околу способноста на Твитер ефективно да ја зголеми својата база на корисници, да им „сервира“ реклами на тие корисници и значително да ги зголеми приходите на среден рок. Вредноста на акцијата на Твитер падна на 20 долари на почетокот на годинава, што е за околу 70% помалку од највисоката цена (околу 70 долари).

Во извештајот на Твитер пишува дека компанијата во следниот период ќе се обиде да се избори со своите проблеми: ќе се фокусира на видеостримови во живо, ќе ја засили контролата над лажните профили и ќе ја „претстави својата вредноста на пошироката публика“ низ подобрувања на производот.