Твитер се закани со тужба за новата апликација Тредс

Твитер размислува да покрене тужба против конкурентска апликација Тредс, која пред два дена ја промовираше компанијата Мета на Марк Закерберг.

Новата апликација, која е многу слична на Твитер, веќе собра преку 30 милиони корисници по пуштањето во употреба.

Според сопственикот на Твитер, Илон Маск, „конкуренцијата е добра, но мамењето не“. Сепак, од Мета отфрлаат дека станува збор за недозволено однесување, додавајќи дека поранешен вработен од Твитер им помогнал во создавањето на Тредс.

Користењето и изгледот на апликацијата е слична на онаа од Твитер, со променета терминологија на главните алатки кои на корисниците им стојат на располагање. Така на пример ретвитите се наречени „репостови“, а твитовите се наречени „тредс“. Мета и во минатото има копирано конкурентски производи, како што на пример беше опцијата за рилсови, која е многу слична со кратките видеа на ТикТок.

Според информациите на порталот „Семафор“, адвокатот на Твитер испратил писмо до сопственикот на Мета во кое ја обвинува компанијата за „систематично, намерно и незаконито употребување на деловна тајна и друга интелектуална сопственост“ во создавање на Тредс.

Попрецизно, адвокатот тврди дека Мета ангажрала десетици поранешни вработени во Твитер кои „имале и имаат пристап до деловни тајни и други доверливи информации“ кои им помогнале на мета да ја развијат апликацијата Тредс, која тој ја нарекува „копија“.

„Твитер планира строго да ги применува нејзините права за интелектуална сопственост и бара Мета веднаш да преземе активности со кои ќе се стопира користењето на било какви деловни тајни на Твитер или други високо доверливи информации. Твитер ги задржува сите права, меѓу кои и правата да бара надоместок за нанесената штета, како и правото судски да се спречат дејствијата со кои се нанесува штетата“, стои во писмото.

 Тредс беше лансирана во средата во повеќе од 100 држави низ светот. Марк Закерберг по 11 години пауза напиша објава на Твитер со популарното меме од два идентични ликови на Спајдермен кои вперуваат прст еден во друг. Нешто подоцна зборот „Тредс“ стана вирален на мрежата.

Директортката на Твитер, Линда Јакарино, вчера во Твит порача дека платформата „често е имитирана, но никогаш нема да биде ископирана“.