Твитер се обидува да ги ограничи луѓето што споделуваат написи што не ги прочитале

Твитер се обидува да ги спречи луѓето да споделуваат написи што не ги прочитале, преку експеримент со кој компанијата се надева дека ќе „промовира информирана дискусија“ на социјалните медиуми.

Со тестот, овозможен за одредени корисници на Андроид уреди, компанијата воведува прашање за луѓето дали навистина сакаат да споделат линк кој не го кликнале.

„Споделувањето напис може да предизвика разговор, па можеби ќе сакате да го прочитате пред да го објавите тоа“, се вели во изјавата од Твитер.

„За да помогнеме во промовирање на информирана дискусија, тестираме нова опција на Андроид – кога ќе сакате да споделите статија на Твитер што не сте ја отвориле, можеби ќе прашаме дали сакате прво да ја отворите.“

Проблемот со корисниците да споделуваат линкови без да ги читаат не е нов. Студија за 2016 година од компјутерски научници од универзитетот Колумбија и Мајкрософт открила дека 59% од линковите објавени на Твитер никогаш не се кликаат.

Решението на Твитер не е да се забранат ваквите ретвитови, туку ќе се обиде да ги натера некои корисници да размислуваат за своите постапки на социјалната мрежа. Тоа е пристап што компанијата неодамна го применува почесто, во обид да го подобри „здравјето на платформата“ без да се соочи со обвинувања за цензура.

Во мај, компанијата започна да експериментира со барање на корисниците да ги „ревидираат“ нивните одговори ако треба да им испраќаат твитови со „штетен јазик“ на други луѓе.

Овој потег се покажа како помалку ефикасен, бидејќи филтерот на компанијата прибираше и безопасен разговор кој користи „штетен јазик“, но е кажан во комуникација меѓу пријатели.

Извор: Гардијан

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.