За да се спречи ширењето на коронавирусот, компанијата Твитер побарала од сите свои вработени да работат од дома.
Оваа одлука е задолжителна за вработените во социјалната мрежа од Хонг Конг, Јапонија и Јужна Кореја, додека за преостанатите компанијата „силно препорачува“ да го направат истото.
Твитер има вкупно 5.000 вработени низ целиот свет, а оваа нова одлука доаѓа еден ден откако компанијата ги забрани сите настани и службени патувања на вработените кои не се неопходни.
„Нашата цел е да се намали можноста за ширење на Ковид-19 коронавирусот меѓу нас и со остатокот од светот“, изјавила шефицата за човечки ресурски на Твитер, Џенифер Кристи.
Во блог објавата на интернет гигантот се наведува и дека Твитер веќе подолго време развива начини за да се работи од дома.
„Иако ова е голема промена за нас, ние веќе се движевме кон поинаква распределба на работниците која е прилично на далечина. Ние сме глобален сервис и сме посветени да овозможиме на сите, секаде во светот да работат во Твитер“, се наведува во објавата.
Другите глобални интернет компании, меѓу кои и Гугл и Фејсбук ги откажаа или одложија најавените конференции низ САД.