„Твитер и блогираме награди“ по трети пат

Најголемиот агрегатор на блогови во Македонија blogirame.mk по трети пат го организира настанот „Твитер и блогираме награди“ каде по пат на гласање се избираат најдобрите твитерџии и твитерџики на годината, а наградите ќе се доделат на 13 декември во кафулето „Калдрма“ во Дебар Маало.

„Можете да купите внимание со рекламирање или да преговарате за почит од медиумите, да иницирате љубопитност со продажба или едноставно сосема спротивно од сé, можете да објавите нешто бесплатно, но интересно и вредно и во реално време да иницирате дијалог со милиони луѓе“ – вели Димитар Ковачевски директор за корпоративни комуникации во Македонски телеком.

Гласањето е веќе започнато и има 24 категории како блог-пост на годината, твитерџија/ка кој e најкорисен и кој е вистинска вредност во твитосферата, најдобар ИТ и/или интернет маркетинг блог, највлијателен твитерџија/ка, твитерџија кој најмногу напреднал од стартот на неговата твитерџиска кариера, најдобар блог во домен на културни работи (литература и сл.), најдобар блог за 2014, најдуховит твитерџија/ка, твитерџија со најдобро селфи на годината 2014, најдобар твитерџија/ка кој почнал да твита во 2014 година и многу други.

Оваа година, Телеком и Т-Мобиле Македонија партнерски се вклучуваат во поддршка на „Твитер и блогираме награди“. Тие за најдобрите твитерџии обезбедуваат 6 таблети, 5 дигитални фото рамки, 6 пакети по 6 месеци гратис 3Мах Start пакети. Дополнително е креирана и посебна Твитер категорија, Нај @TMobileMK корисник кој ќе добие IPhone 6.