ТВ-серијата „Зоки Поки“ започнува со емитување на 4 мај на МРТВ

Телевизиската преработка на детската книга „Зоки Поки“ започнува со емитување во понеделник, 4 мај, на Македонската радио телевизија.

Серијата од десет епизоди ќе се емитува секој понеделник и четврток во 20:15 часот на првата програма, со репризи наредниот ден и во сабота и недела. По емитувањето на МРТ, наредниот ден, епизодите ќе се поставуваат и на веб-страницата ZokiPoki.mk и на официјалниот YouTube канал.

Детската екипа е составена од Матеј Настевски, кој ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска, која ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков, кој го глуми Гоки.

Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ.

Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска, директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф Иван Бартлинг, шминка Жанета Димитриевска, дизајн на тон Ристо Алчинов, монтажери Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Софија Самоиловска и Драган Алексов,    додека за костимите се погрижи Жаклина Крстевска.

Музиката ја компонираше Александар Пејовски, песните Александар Митевски, а музиката за најавната шпица Игор Василев-Новоградска.

Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

Екипата на серијата вели дека се одлучила за екранизација токму на „Зоки Поки“ поради неговата релевантност за многу различни генерации и со цел збогатување на домашната ТВ програма за деца.

Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, екипата создала ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо“ време, но и на родителите со кои се надеваат заеднички ќе поминат квалитетно време со своите деца пред ТВ екраните.

„Денешниот Зоки Поки е соодветен на времето во кое живееме по форма и естетика, но вредностите и пораките од книгата проткаени низ неговите авантури ќе останат чисти и недопрени, со надеж дека ќе успеат да го пронајдат патот до срцата и на генерациите што доаѓаат“, вели продуцентот Насков.

Повеќе информации за ТВ-серијата се достапни на веб-страницата ZokiPoki.mk.