ТВ премиера на документарецот на БИРН „Мнозинството почнува тука“

Фото: Роберт Атанасовски

Фото: Роберт Атанасовски

Новиот документарец на БИРН, „Мнозинството почнува тука“, кој говори за младите луѓе и последиците од војната, наскоро ќе ја има својата телевизиска премиера.

Документарниот филм, поделен во три епизоди, кој ќе биде емитуван и на ТВ каналите низ целиот Балкан, во Македонија ќе може да се погледне на ТВ 24 вести од среда до петок во 18.20 часот, со репризи во 23.30 часот, додека скратената верзија од целиот филм ќе се емитува во сабота во 09 и 10 часот.

Премиерата  на „Мнозинството почнува тука“ во Скопје се одржа минатата среда во Кинотека Македонија, пред публика составена од новинари, дипломатски претставници и претставници на невладини организации.

„Филмот го документира патувањето на шест млади луѓе низ регионот и нивната средба со национализмот, со етничките тензии, предрасуди, со клучните состојки на крвавото мени на балканските војни“, истакна директорката на БИРН Македонија, Ана Петрушева на премиерата.ТВ премиера на документарецот на БИРН „Мнозинството почнува тука“

Младите лице в лице се среќаваат со некои од сеништата од минатото, со осиромашени воени бегалци, воени ветерани и тврдокорни националисти. Тие откриваат како националистичките идеи што довеле до војна се рефлектирале врз економијата во регионот, врз културата, па дури и врз архитектурата, но, и како може да се развие вистинска толеранција и помирување во места кои преживеале насилство и разделување.

„Мнозинството почнува тука“ е снимен во продукција на БИРН, а во режија на Лоде Десмет, кој повеќе пати е наградуван за својата работа. Во 2006 година, Десмет и БИРН го снимија документарниот филм “Дали некој има план“, посветен на идниот статус на Косово.

Документарецот е дел од проектот Балканска транзициска правда на БИРН, за подобрување на јавното разбирање за прашањата на транзициската правда во Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија.