Тужба за Nestlé поради експлоатација на деца на плантажите во Африка

Една од најголемите компании за производство на храна Nestlé се соочува со тужба поради наводно користење деца робови во жетвите на плантажите со какао, на Брегот на Слоновата коска во Африка.

Американскиот Врховен суд ја отфрли жалбата на Nestlé и на уште две други компании за да се повлече тужбата што ја покрена Високиот суд во декември 2014 година.

Тужителите, по потекло од Мали, изјавиледека компаниите помогнале и поддржувале кршење на човековите права со набавката на какао на Брегот на Слоновата коска.

Компаниите наводно биле свесни за проблемот со експлоатација на децата во регионот, но сепак, им обезбедувале финансиска и техничка помош на локалните фармери за да го добијат најевтиниот производ.

Тужбата против компаниите ја поднесе директорката на Интернационалниот форум за правата на работниците Abby McGill.

„Долго време се боревме за да ја посочиме одговорноста кон синџирите на снабдувачи и да им овозможиме сатисфакција на жртвите“, изјави McGill за Independent.

Таа потсети на последниот извештај од јули 2015 година, според кој повеќе од два милиони деца работат на плантажите во Гана и Брегот на Слоновата коска, што претставува двојно повеќе од претходната година.

Американските компании кои се соочувале со слични тужби поминувале со полесни пресуди, бидејќи според судиите овој проблем не ги засега директно САД. Во случајот со Nestlé, Апелациониот суд одлучи дека тужителите мора да ги обноват своите тужби за случајот да продолжи во Врховниот суд.