Тужба против Нестле поради помор на риба во Франција

Шефот на Федерацијата за риболов на Франција поднесе тужба против компанијата Нестле, откако илјадници мртви риби беа пронајдени во река во северо-источна Франција.

Неколку тони мртва риба беа пријавени во реката Есн, изминатиот викенд, во близина на фабриката на Нестле. Смртните случаи се должат на намалување на нивото на кислород во водата, соопшти во вторникот локалната префектура. Се вршат тестови за да се утврди потеклото на загадувањето.

Мртвите риби се пронајдени во близина на Шалеранж, 50 километри од Ремс, се вели во соопштението на префектурата.

„Поднесовме тужба против Нестле Франција за загадување и повреда на член 432.2 од кодексот за животната средина“, рече Мишел Адам, претседател на риболовната федерација.

Штетата е „неколку илјади евра“, додаде тој. „Сè е умрено на површина долга седум километри и широка 30 метри“.

„Веќе откривме три тони мртва риба. Но, има уште. Погодени се 14 видови, дел од нив заштитени со закон.

„Јас сум со федерацијата веќе 40 години, но никогаш не сум видел толку големо загадување“, додаде тој.

Фабриката „Нестле“ во Шалеранж, која произведува млеко во прав, потврди дека во неделата навечер имало „повремено и ненамерно претекување на биолошки отпадни материи, без присуство на хемикалии“ од својата пречистителна станица за отпадни води.

„Веднаш штом дознавме за извештајот во неделата во 23:00 часот (21 часот GMT),  престанавме со производство и ставивме крај на излевањето“, рече директорот на фабриката Тони До Рио во изјава за франциски медиуми.

„Ова излевање беше еднократно [и траеше] помалку од три часа во неделата навечер“, рече тој, додавајќи дека активноста во фабриката запрела на неколку дена.

Од откривањето на мртвата риба, доброволци рибари и пожарникари работат на расчистување на реката. Беше инсталирана и брана за да се намали ширењето на загадување.