Истрага на „Асошиејтед Прес“ откри дека Гугл ја снима локацијата на корисниците преку нивните Ајфон и Андроид уреди, дури и ако ја исклучиле опцијата. Една недела подоцна, првата тужба е поднесена против пребарувачкиот гигант.
Во петокот, адвокатите кои го претставуваа тужителот Наполеон Патексил од Сан Диего, поднесоа тужба во федералниот суд во Сан Франциско. Ова потенцијално може да влијае на милиони корисници – секој кој користи или Ајфон, или Андроид уред и ја исклучил историјата на локација, но сè уште бил следен од Гугл.
„Гугл експресно им претстави на корисниците на својот оперативен систем и апликации дека активирањето на одредени поставувања ќе го спречи следењето на нивните геолокации. Оваа беше лага. И покрај обидите на корисниците да ја заштитат приватноста на своите локации, Гугл собира и складира податоци за локацијата, а со тоа навлегува во приватноста, спротивно на тоа што Гугл го претставува – дека корисниците можат да ги конфигурираат производите за да спречат такви исклучителни прекршувања на приватноста“, се вели во тужбата.
Тужбата тврди дека Гугл го прекршил федералниот закон според Федералната комисија за трговија како „измамничка трговска практика” со следење на локацијата на секој корисник откако тие се обиделе да ја блокираат функцијата со исклучување на историјата на локација.
Тужбата, исто така, тврди дека Гугл го прекршил Законот за приватност на Калифорнија и уставното право на Калифорнија за приватност со следење на локацијата на корисници кои ја исклучиле опцијата на нивниот уред.
Тужителот во случајот не само што бара надомест на штетата, туку и судски налог со кој се бара од Гугл да ги уништи податоците добиени од следењето на локацијата за него и за останатите членови на тужбата.
Тужбата е поднесена истиот ден кога „Асошиејтед Прес“ ја објави истрагата. Истовремено, Гугл ја ажурираше страницата за поддршка на историјата на локација на својата веб-страница.
На страницата сега пишува: „Ова поставување не влијае на други услуги за локација на вашиот уред, како што се локациските улоги на Гугл и „Најди го мојот уред“ („Find My Device“). Некои податоци за локација може да се зачуваат како дел од вашата активност на други услуги, како што се „Барај и Мапи“ („Search and Maps“)“.
Пред сегашното уредување на страницата, пишуваше „со исклучена историја на локација, местата на кои одите повеќе не се зачувуваат.”