Турција ја укина забраната за Твитер

Турската Дирекција за комуникации денеска одлучи дека треба да се укине забраната за пристап Твитер. Ваквата одлука доаѓа по вчерашното барање од страна на Уставниот суд кој побара укинување на забраната со оценка дека се неа се прекршува правото на слободен говор.

Турција ја укина забраната за Твитер

Барања за ова упатија повеќе организации и држави, меѓу кои и американскиот Стејт департмент кој ја повика Анкара веднаш да ја укине забраната на Твитер, откако Уставниот суд донесе одлука дека таа ги нарушува правата на потрошувачите.

„ Сметаме дека забраната треба веднаш да се укине и кога веќе има судска одлука, тоа треба веднаш да биде исполнето“, изјави заменикот портпарол на Стејт департментот Мари Харф.

Таа нагласи дека според американското министерство за надворешни работи,  Јутјуб исто така, не треба да биде блокиран.

Турција на 21 март го блокираше пристапот до Твитер, откако на социјалната мрежа беа објавени снимки на телефонски разговори меѓу премиерот Реџеп Тајип Ердоган и неговите соработници во врска со корупцискиот скандал што ја потресе земјата, а во кој беа инволвирани лица блиски до Владата. Една седмица подоцна, Турција донесе „административна одлука“ да го блокира и пристапот на граѓаните до ЈуТјуб.