Турскиот суд забрани да се известува за убиството на рускиот амбасадор

Судот во Анкара, Турција, забрани да се известува за минатонеделното убиство на рускиот амбасадор Андреј Карлов. Како што соопштуваат медиумите, ова доаѓа по барањето на обвинителство да се стави забрана на емитување на снимката со убиството, известување за истрагата. Одлуката вклучува и вести кои се однесуваат на очевидци, жртви или осомничени во врска со убиството.

Судот соопшти дека вестите може да нанесат штета на истрагата и на националната безбедност. Забраната ќе важи додека трае истрагата.

Не е јасно што довело до забраната седум дена по убиството, но таа следи еден ден откако весникот „Хуријет“ објави детално интервју со сестрата на Мевлут Мерт Алтинташ, кој го уби Карлов.

Инаку, убиството се случи на изложба на фотографии во Анкара на 19 декември. Турскиот полицаец пукаше во Карлов, додека амбасадорот држеше говор на отворањето на изложбата.