Турскиот шеф на Амнести обвинет за поврзаност со тероризам

Танер Килич, турскиот претседател на Амнести Интернешнал, вчера бил обвинет за „членство во терористичка организација“, поради наводна поврзаност со движења кои од турските власти се посочени како организатори на минатогодишниот неуспешен обид за пуч, соопшти организацијата за човекови права.

Килич останува во притвор, откако претходно оваа недела беше уапсен во Измир, заедно со 22 други правници, пренесува Дојче Веле.

„Затворањето на нашиот турски директор е исмевање на правдата“, рекол турскиот истражувач на Амнести, Ендрју Гарднер во соопштение претходната вечер.

Гарднер на Твитер напиша дека на судското рочиште против Килич не биле изнесени кредибилни докази.

Повеќе од 50 илјади луѓе, меѓу нив и војници, административци, наставници и академици беа уапсени во разврската по неуспешниот обид за пуч во јули минатата година. Преку 100 илјади други, беа отпуштени од работните места по вонредните овластувања која и беа доделени на Владата по обидот за пуч. Стотици медиуми, невладини организации и групи за човекови права исто така се најдоа на удар.

Власта ги обвинува притворените и отпуштените за поврзаност и соработка со движењето на проповедникот Фетула Ѓулен кој се наоѓа во САД, поранешен сојузник на Претседателот Реџеп Таип Ердоган, кого властите го посочуваат како човек кој го оркестрирал обидот за пуч. Движењето на Ѓулен отфрла поврзаност во настаните.

Генералниот секретар на Амнести Интернешнал Салих Шети, изјави дека обвинението против Килич покажува „колку арбитрарна и колку широка стана неконтролираната потрага на власта по перципираните непријатели и критичари.

Властите го обвинуваат Килич дека од август 2014-та година ја имал на својот телефон апликацијата „Bylock“ за шифрирани пораки. Илјадници луѓе се уапсени поради оваа апликација за допишување, за која властите велат дека ја употребувале следбениците на Ѓулен за тајна комуникација и организирање на обидот за пуч.

Од Амнести велат дека докази за тако нешто не биле прикажани, а додаваат и дека Килич никогаш не ја имал таа апликација на телефонот, ниту слушнал за неа пред таа да стане главна тема во поврзаноста на притворите и обвиненијата.

„Танер Килич ниту е поддржувач, ниту е следбеник на движењето на Фетула Ѓулен и всушност беше многу критичен за неговата улога во Турција. Единствен доказ против него е наводното присуство на платформата за тајна комуникација на неговиот телефон, која не е доказ за криминално дело, дури и да било точно. Тој не смее да биде суден на основа на вакви несоодветни обвинувања“, вели Шети.

Осуда за притворот дојде и од организацијата за човекови права „Хјуман рајтс воч“:

„Затворањето на шефот на „Амнести Турција“ во очекување на судски процес за членство во терористичка организација повторно го покажува шоуто на хорор во турските судови“, напиша на Твитер експертката на организацијата за Турција, Ема Синклер – Веб.