Турски новинари се осудени поради истражувачки текст, еден од нив беше нападнат пред судот

Два истакнати турски новинари се осудени на пет години затвор поради откривање на државни тајни, само неколку часа откако вооружен напаѓач се обидел да пука во еден од нив, пред зградата на судот во Истанбул.

Кан Дундар, уредник на критичкиот весник „Чумхуријет“, кој не беше повреден при нападот, доби пет години и 10 месеци. Ердем Ѓул, главниот шеф на бирото во Анкара, е осуден на пет години. Тие беа ослобдени од некои обвиненија, вклучително и обид за соборување на влада.

Случајот, во кој претседателот Реџеп Таип Ердоган беше прогласен како подносител на жалбата, доби широка осуда од меѓународните организации за човекови права, и ги зголеми стравувањата за слободата на медиумите во Турција, членка на НАТО и земја-кандидат за ЕУ.

Неколку часа пред пресудата да биде изречена, напаѓачот се обидел да пука во Дундар. Човекот извикал „предавник“пред да пукне најмалку два куршума, едноподруго. Новинар кој го следел судењето бил повреден.

Двајцата новинари се слободни во исчекување на судското решение. Судот, исто така, реши да ја одложи расправата за одделни обвиненија за поврзаноста со терористички групи се до исходот од овој случај.

Ѓул и Дундар поминаа 92 дена во затвор, речиси половина од тоа време во самица, пред Уставниот суд да пресуди во февруари дека притворот е неоснован, бидејќи обвиненијата произлегле од нивното новинарство. Ердоган, тогаш изјави, дека не ја почитува пресудата.