„Турлитава – заедно е послатко“, во Градски парк

Со цел да се одбележи 22 јули како ден посветен на жртвите на дела од омраза – акција на Советот на Европа, во недела (20 јули) во Паркот на Франкофонија – Монтажна/Mобилна Галерија CAC (Градски парк), Хелсиншкиот комитет организира настан насловен ,,Турлитава‘‘. Идејата со која се организира настанот е на креативен начин да се работи на надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации.

турлитава

„Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, влашка, бошњачка, ромска, егејска, еврејска, торбешка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно“, појаснуваат организаторите на настанот.

Настанот го организира Хелсиншкиот комитет за човекови права со поддршка на ,,Цивил‘‘, ,,МОФ‘‘ и ,,Амбрела‘‘.