„Турлитава – заедно е послатко!“, вечерва во Мобилна галерија

Со цел да се одбележи Денот посветен на жртвите на дела од омраза – акција на Советот на Европа, вечерва во Мобилна / Монтажна Галерија, Хелсиншкиот комитет за човекови права по трет пат го организира настанот „Турлитава – заедно е послатко“.

Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.

„Цениме дека со организирање пикник на кој ќе бидат претставени вкусни традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во Македонија (македонска, албанска, турска, ромска, српска, бошњачка и други), во директна смисла ќе се посочи на различноста како можност за споделување. Тоа значи дека различните припадности (на етничка, национална, јазична, религиозна, сексуална и други групи) можат да бидат застапени и можат да опстојуваат заедно и еднакво значајно“, велат организаторите.

Настанот се организира со поддршка на „Цивил“, „Легис“ и „Амбрела“. Настанот почнува во 20 часот.