„Турлитава – заедно е послатко“, настан по повод Светскиот ден на културните различности

По повод Светскиот ден на културните различности, на 19 мај, петок, ќе се одржи настанот „Турлитава – заедно е послатко“.

Со почеток во 16 часот, настанот на кој ќе бидат претставени јадења од различни национални кујни ќе се одржи во Паркот на франкофонијата – Мобилна галерија во организација на Хелсиншки комитет.

„Идејата со која се организира настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза“, велат организаторите.

Од Хелсиншки посочуваат дека преку настанот за вкусување на традиционални специјалитети застапени во различните етнички кујни во земјава, директно ќе се посочи на различноста како можност за споделување.