Турција стави повеќе писатели под истрага, активистите обвинуваат за напад на слободата на говор

Турското обвинителство покренало истрага за писатели, меѓу кои и наградуваната Елиф Шафак, во потег кој активистите го опишуваат како сериозна закана за слободата на говор.

Истрагите доаѓаат во период кога на социјалните мрежи се одвива жестока дебата и се осудуваат писателите кои обработуваат чувствутелни теми, како злоупотреба на деца и сексуалното насилство. Откако на Твитер претходната недела беше објавена страница од книгата на Абдула Севки, турското министерство за култура и туризам покрена кривична пријава против писателот.

Според турската новинска платформа Ахвал, на страницата било опишано лично сведоштво за сексуален напад врз дете низ очите на педофил. Ахвал известува и дека Здружението на правници на Турција исто така покренале судски процес со барање од властите да се забрани книгата и да се гони писателот и издавачот за кривичното дело „злоупотреба на дете и поттикнување на кривично дело“. Севки и издавачот по ова биле приведени.

По овој случај корисниците на социјалните мрежи споделуваат различни содржини од други писатели, меѓу кои и Шафак и писателката Ајше Кулин, обвинувајќи ги на слична основа. Шафак објаснува дека добила илјадници вознемирувачки пораки последниве два дена и дека обвинителите побарале да ги истражат нејзините романи.

„Сакаат да истражат било каков текст од турската литература во кој се зборува за сексуална злоупотреба на деца. Ова е нов фокус за нив. Секако иронијата е дека во оваа држава имаме зголемен број на случаи на сексуално насилство и врз жени и врз деца. Турските судови не преземаат ништо, законите не се менуваат. Така што, во оваа земја треба да се преземе итна акција за да се реагира против сексуалното насилство, наместо тоа тие истражуваат писатели. Ова е огромна трагедија. Се претвори во лов на вештерки“, вели Шафак.

Директорката на англиското друштво на писатели, Антониа Бјат, објаснува дека организацијата е многу загрижена за заканите кон Шафак.

„Таа е неверојатно талентирана писателка и никогаш не смее да биде криминал пишувањето фикција или коментирањето на светот во кој живееме“, вели Бјат, додавајќи дека слободата на изразување во Турција е под сериозна закана и дека голем број писатели во земјата се во затвор или биле принудени да живеат во егзил.