Турција ќе ослободи 38 000 затвореници за да направи место за уапсените од пучот

Турција донесе декрет со кој условно се ослободуваат 38 000 затвореници за да направи простор во затворите за илјадници луѓе кои беа уапсени по обидот за воен удар од минатиот месец.

Со декретот се дозволува ослободување на оние кои имаат две години, или помала затворска казна, или пак, отслужиле половина казна. За некои, сепак, не важи ова, како на пример за луѓето осудени за убиство, семејно насилство, сексуална злоупотреба и тероризам, како и други слични злосторства против државата. Мерките нема да важат ниту за криминалите направени по 1 јули.

Министерот за правда Бекир Боздаг, рече дека потегот ќе предводи до ослободување на 38 000 луѓе, додавајќи дека тоа не значи дека е помилување или амнестија, туку условно ослободување.

Владата вели дека обидот за државен удар на 15 јули, кој доведе до најмалку 270 починати, бил организиран од следбениците на движењето предводено од муслиманскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој како што тврди турската влада, инфилтрирал свои луѓе во војската и други државни институции. Ѓулен ги негираше овие обвинувања, иако за него турската влада испрати барање за екстрадиција од САД.

Турција прогласи вонредна состојба и започна со масовна чистка против поддржувачите на Ѓулен. Речиси 35 000 луѓе беа приведени и уште 17 000 треба да бидат судени, вклучително војници, полиција, судии и новинари.

Оваа чистка потоа продолжи и во образованието, здравството, армијата и локалната власт. Овој потег беше осуден од организациите за човекови права и Европската унија.