„Тука сме за тебе“ – бесплатна стручна помош за жените кои преживуваат родово-базирано насилство

„Не прикривај. Пред другите… И пред себе. Зборувај отворено за твоите проблеми, во сигурна средина. Тука сме за тебе“, оваа порака е упатена до жените кои преживуваат родово-базирано насилство од страна на Организација на жените на општина Свети Николе и НВО КХАМ Делчево.

Преку пораката тие ги повикуваат жените да побараат бесплатна психо-социјална и правна помош од нивните стручни тимови на www.tukasmezatebe.mk

Оваа кампања е реализирана како соработка помеѓу „The Kvinna till Kvinna Foundation“ и „Коалиција Маргини“, а има за цел пред сè да ја истакне важноста и потребата од психо-социјална помош кај жените кои преживуваат родово-базирано насилство.

Од организациите велат дека жените кои преживуваат родово-базирано насилство се соочуваат со големо чувство на страв и срам поради кое не можат да видат излез од ситуацијата во која се наоѓаат, дополнувајќи дека стигматизацијата и предрасудите во општеството се дополнителна причина за молк.

„Преку разговор и советување со стручни лица жените кои преживуваат насилство може да ја добијат потребната поддршка и разбирање и заедно да дојдаме до решение на проблемите со кои е тешко да се борат сами“, велат од организациите.

Покрај психо-социјалната поддршка, организациите нудат и бесплатна правна помош.

Лицата кои се соочуваат со каква било форма на родово-базирано насилство може да побараат помош на www.tukasmezatebe.mk или да остварат директен контакт на:

+389 33 413 695 Невладина организација „КХАМ“ Делчево
+389 32 444 620 „Организација на жените на општина Свети Николе“