Цивил: Меѓународниот ден на мирот и Меѓународниот ден на човековите права да бидат државни празници

Цивил: Меѓународниот ден на мирот и Меѓународниот ден на човековите права да бидат државни празнициПо повод глобалната недела за акција против оруженото насилство и Меѓународниот ден на мирот, граѓанската организација Цивил- Центар за слобода денеска до Собранието на Република Македонија поднесе иницијатива за прогласување на Меѓународниот ден на мирот (21 септември) и Меѓународниот ден на човековите права (10 декември) за национални празници во Република Македонија.

Во дописот доставен до Претседателот на Собранието на РМ, пратеничките групи/коалиции и собраниската комисија за култура се вели дека на Меѓународниот ден на мирот (21 септември) граѓан(к)ите на Република Македонија ќе добијат можност и преку институционални форми да им се придружат на мирољубивите луѓе во светот во заедничката потрага по мир во земјата, регионот и светот. Меѓународниот ден на човековите права (10 декември) претставува можност за формулирање и давање јавност на барањата за почитување на човековите права и слободи.

На тие денови, Владата, политичките партии, пратениците, локалните самоуправи и други носители на одлуки имаат обврска да излезат во јавноста со недвосмислена порака за мир меѓу луѓето и со пораки во знак на поддршка на човековите права и слободи. Релевантните институции, оние во кои се носат одлуки, ќе треба да излезат и со извештаи за нивниот придонес и чекорите кои тие ги преземале во поддршка и развој на мирот и за почитувањето на човековите права и слободи, се вели во иницијативата на Цивил.

Во рамки на Глобалната недела за акција против оруженото насилство, која трае од 16 до 21 овој месец, покрај споменатата иницијатива до Собранието на РМ, Цивил реализира и други активности со цел јакнење на јавната свест за опасностите од огненото оружје.

Во скопската гимназија „Никола Карев“ со поддршка од стручни лица од релевантни институции, Цивил на учениците им одржа предавање за ризиците од оруженото насилство, а истото ќе го направи и во Градежниот училиштен центар „Здравко Цветковски“.

Глобална недела за акција против оруженото насилство е иницијатива на Меѓународната акциона мрежа за малото оружје (International Action Network on Small Arms, IANSA), чија членка е Цивил. а се одбележува во многу земји во светот.