Цивил: Избери демократија!

Цивил – Центар за слобода во петок (7 март) со почеток во 12 часот, во паркот „Жена борец“ во Скопје организира граѓански собир под мотото „Избери демократија!“.

demokratija

Собирот е завршен настан во рамките на истоимениот проект кој Цивил го започна пред шест месеци, а со цел јакнење на јавната свест за солидарноста и човековите права, како и евидентирање на случаите и формите на кршење на човековите права, на територијата на целата земја.

На собирот ќе биде презентиран извештајот со наодите на Работните групи за човекови права. Истиот, освен што ќе биде јавно објавен, ќе им биде доставен на институциите коин се релевантни за решавање на проблемите на граѓаните.

Претставниците на политичките партии, Владата, Претседателот и пратениците во Собранието на РМ се поканети лично да го подигнат извештајот на самиот собир, се наведува во соопштението на Цивил.

На собирот ќе се обратат активист(к)и на граѓанското општество, а можност да го изразат своето мислење ќе имаат и другите присутни.

Дел од завршниот Извештај за состојбата на човековите права и слободи во Македонија ќе биде презентиран претходно, на прес конференција која е закажана во среда (5 март) во просториите на ГЕМ клуб, исто така во 12 часот.

Проектот „Избери демократија“ е поддржан од страна на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, а имплементиран од Фондација Отворено општество – Македонија.