Трудо: Бегалците од војна и терор се добредојдени во Канада

Канадскиот премиер Џастин Трудо преку социјалните мрежи порача дека бегалците се добредојдени во Канада, на тој начин изразувајќи го својот став за одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да забрани влез во САД на бегалци и државјани од 7 доминантно муслимански земји.

„До оние кои бегаат од прогон, терор и војна, Канаѓаните ќе ве примат без разлика на вашата вера. Различноста е нашата сила“, напиша Трудо на Твитер.

Твитот досега е споделен преку 330 илјади пати, а им се допаднал на повеќе од 555 илјади корисници на социјалната мрежа.

Трудо досега нема упатено директна критика кон Трамп, иако двата лидери имаат многу различни политички погледи. Во последните медиумски настапи, тој истакнуваше долгогодишното пријателство на Канада со САД и длабоките економски врски помеѓу земјите. САД е најголем трговски партнер на Канада.

Канада планира да прими 300 илјади имигранти оваа година, најголемиот дел преку економска имиграција иако во бројката се вклучени и околу 40 илјади бегалци.