Индексот на трошоците на живот во септември годинава, во споредба со истиот период минатата година се зголемени за 3.7%, додека цените на мало бележат зголемување од 5.6%, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Пораст на индексите на трошоците на животот во септември е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2.5 %, пивото за 0.7%, рибата и морските плодови за 0.4 %, маслото и маснотиите, мебелот и покуќнината за 0.2 %.
„Во септември, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај медиумите за снимање за 3.1 %, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 2.9 %, гасот за домаќинствата за 2.2 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1.3 %, цврстите горива за домаќинствата за 1.2 %, игрите, играчките и хобијата за 1.0 %, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за подот, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 0.8 %, течните горива за домаќинствата, поправките на апаратите за домаќинствата, другите медицински производи за 0.7 %“, стои меѓудругото во соопштението на ДЗС.
Во меѓувреме, забележано е намалување на индексите на трошоците на животот во септември 2021 година кај свежото и разладеното овошје за 4.4% и млекото за 0.3%.
„Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 9.4 %, туристичките пакет-аранжмани за 9.3 %, услугите за сместување за 3.3 %, книгите за 1.2 %, накитот, часовниците и рачните часовници за 0.9 %, информатичката опрема за обработка на податоците за 0.6 %, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики, електричните апарати за лична хигиена за 0.5 %, обувките за 0.3% и моторните возила за 0.2 %“, се додава во соопштението.