Тројцата „командоси“ на Шарена револуција: Со бојата го разубавуваме фашизоидниот „Скопје 2014“

Секој ден во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, ткн. паравоена единица на Шарената револуција, составена од Блу, Индиго и Црвена, се подготвуваат за нов поход. Нивното оружје се водените пиштоли полни со боја, а нивната задача е да ги шараат институциите, покажувајќи го патот до каде стигнала револуцијата. Меѓу демонстрантите се познати како тројцата „командоси“, но тие се доста скромни кога се опишуваат себеси. Велат дека она што ги прави поразлични е што имаат смелост да користат креативен начин за искажување на својот револт против сегашната власт.

„Ова е еден вид на перформанс“, објаснува Црвена. „ Боењето е наш, условно кажано, слободен избор за одбрана на правната, па и нужна одбрана на здравата свест“, вели таа.

„Боењето за мене претставува вистински граѓански непослушност или изразување на револт на најкреативниот можен начин што можеше да се очекува. Ние се обидуваме да му дадеме убав карактер на фашизоидниот Скопје 2014“, додава Блу.

Тие се дел од протестите уште од самиот почеток, по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да аболира 56 функционери и политичари под истрага за разни криминали. Почнаа со балони, полни со боја, вода и песок, па откако заклучија дека нема да успеат да досегнат до подалечните површини, воведоа „напредна“ технологија – водените пиштоли и рачниот катапулт. Индиго појаснува дека „командосите“ се целосно нивна идеја, а за Радио МОФ на шега открива дека за користењето на пиштолите не биле обучувани од некакви странски служби.

„Командосите се наша идеја, јас барем ги сметам како „Деца палавковци“ низ улиците. Отсекогаш сме биле многу млади во духот и мислам дека сме како паравоена единица на револуцијата што се случува“, вели Индиго.

Но, пред се, тие се тим, појаснува Блу,  додека го полни својот пиштол со боја. Тој додава дека тие се тим кој секогаш може да се најде заедно, а само се професионализирал за време на Шарената револуција.

„Доаѓаме заедно на протес, шараме заедно и ако треба ќе одиме во затвор заедно“, нагласи тој.

Боја велат дека добиваат од граѓаните, која потоа ја раствораат и распределуваат. Како тим, на ден можат да потрошат и до десет литри, или колку што е потребно за да се бојадиса еден стан.

Нивната работа дел од граѓаните ја сметаат како активизам, други пак, за вандализам и непочитување кон институциите. Сепак, уште од самиот почеток биле свесни за притисоците и дека еден ден ќе се соочат со полицијата.

„Знаевме дека притисоци ќе ни се случуваат, информативните разговори се сериозен притисок, но не се сметаме за вандали. Ние гордо, и сред бел ден бараме правда“, вели Црвена, која посочи дека нема да дозволат да бидат заплашени и дека боењето ќе продолжи.

Иако граѓанската свест полека се буди, за Индиго е несфатливо како луѓето сè уште не се замараат со политика и седат дома.

„Кога доаѓавме кон протестот, една жена, која би требало да го има истиот пристап на информации што го имаме и ние, од тераса се развика дека сме алапачи затоа што го валкаме градот. Луѓето кои не ја поддржуваат Шарената револуција воопшто не ни знаат на што се темели или какво оружје претставува бојата. Најверојатно, тој народ што не нè поддржува, или ги чита и слуша погрешните медиуми, или едноставно води инает“, смета Индиго.

На ова се надоврза и Црвена, која вели дека граѓаните се толку многу понижувани што не гледаат излез и вербата одамна им се изгубила.

„Во моментов, ја креираме Македонија, бидејќи ова е продукт на неодговорност на една генерација. Но, ние сме генерацијата којашто мора да направиме нешто за да се сменат работата и секој што смета дека нема светло на крајот од тунелот ќе му порачам дека од него зависи“, одлучно заклучува Црвена.

Е.П.